Свет

Финската премиерка Сана Марин: Не сум се дрогирала, тестот ќе го докаже тоа

Финската премиерка Сана Марин: Не сум се дрогирала, тестот ќе го докаже тоа

Финската премиерка Сана Марин денеска изјави дека не земала никаква дрога за време на „дивата забава“ во приватен дом.

Таа додаде дека не направила ништо лошо кога ја пуштила косата и се забавувала со пријателите, објави Асошиејтед прес.

Претходно денеска финските медиуми објавија дека Марин се согласила да направи тест за дрога поради скандалот што изби.

На видео објавено на социјална мрежа се гледа како шест лица танцуваат и пеат пред камера. Меѓу нив е и финската премиерка. Подоцна во видеото, Марин (36) е на колена на подиумот за танцување, со рацете зад главата и танцува додека пее.

„Разочарана сум што ова стана јавно. Вечерта ја поминав со пријателите. Се опуштав, доста диво, да. Танцував и пеев. Јас самата не сум користела дроги или нешто друго освен алкохол. Танцував, пеев, се забавував и правев сосема легални работи”, рекла Сана Марин.

Таа прецизираше дека забавата се случила „пред неколку недели“.

Според медиумите, на забавата присуствувале Илмари Нурминен, пратеник од Социјалдемократската партија на Сана Марин и финската пејачка Алма.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни