Свет

Литванија подигна ограда од 4 метри на границата со Белорусија

Литванија подигна ограда од 4 метри на границата со Белорусија

Литванија изгради ограда долж границата со Белорусија, објави Франс прес.

„Во сите делови, работата е 100 отсто завршена“, им изјави на новинарите литванската премиерка Ингрида Шимоните.

Оградата се протега на околу 550 километри од 700-километарската граница на Литванија со Белорусија.

Остатокот од границата минува низ мочуришта, езера и реки. Поради оваа причина, „технички е невозможно“ да се подигне физичка бариера таму, објасни Шимоните.

Оградата е висока четири метри со бодликава жица на врвот.

Приливот на илегални имигранти во Литванија значително се зголеми оваа година, забележува АФП. Околу 4.200 луѓе, главно од Блискиот Исток и Африка, успеале да влезат во земјата од Белорусија.

Западот го обвинува режимот во Минск дека намерно насочува мигранти кон соседните земји на Европската унија во „хибриден напад“ што го води со својот сојузник Русија. Белорусија негира.

Литванија следи политика да не дозволува илегални мигранти на нејзина територија, што доведе до обвинувања за нелегално враќање. Сепак, литванската премиерка јасно стави до знаење дека ќе продолжи да ја користи оваа контроверзна тактика и бара начини да го стори тоа без да прогласи вонредна состојба, иако призна дека тоа би било предизвик од гледна точка на меѓународната закон.

Бројот на илегални мигранти кои се обидуваат да влезат во Литванија во последно време повторно се зголеми. Во саботата, литванските граничари одбија да пуштат 125 луѓе, што е најголемата група од почетокот на годината.

Литванија ја обвинува Белорусија дека им помага на мигрантите да влезат на нејзина територија и намерно ја оштетила оградата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни