Свет

Македонија гласаше против резолуцијата на ОН за укинување на американското ембарго кон Куба

Македонија гласаше против резолуцијата на ОН за укинување на американското ембарго кон Куба

Македонија е меѓу 17 земји што гласаа против резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се бара укинување на американското економско, трговско и финансиско ембарго кон Куба. Резолуцијата беше усвоена со 130 гласа „за“, 17 „против“ и 25 воздржани.

Генералното собрание по 34. пат го осуди ембаргото, но поддршката годинава значително се намали. Лани за резолуцијата гласаа 165 држави, седум беа против, а 12 воздржани. Гласањето следуваше по засилена дипломатска кампања на Вашингтон за повеќе земји да се спротивстават на документот или да се воздржат.

Според „Асошиејтед прес“, покрај Македонија, против гласаа и Босна и Херцеговина, Колумбија, Костарика, Еквадор, Литванија, Мароко, Парагвај и Словенија. Германија, Италија и Летонија беа меѓу воздржаните земји.

Резолуцијата не е правно обврзувачка и не го принудува Вашингтон да ја промени политиката на санкции, но претставува показател за меѓународниот однос кон ембаргото.

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригес, пред гласањето, ги обвини САД дека водат економска војна против неговата земја.

„Куба не е закана. Блокадата е закана“, порача Родригес.

Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, пак, ги повика државите да не ѝ овозможат на кубанската власт, која ја обвини за корупција, да го искористи гласањето за пропагандна победа на сметка на кубанскиот народ.

На гласањето му претходеше и остра вербална расправија меѓу Волц и Родригес во салата на Генералното собрание. Додека американскиот претставник зборувал на говорницата, кубанскиот министер му пришол, го нарекол лажго и побарал процедурална интервенција од претседавачот. Во обид да ја смират ситуацијата се вмешале обезбедувањето и персоналот на ОН, пренесува „Асошиејтед прес“.

Дипломатските тензии се одвиваат во услови на продлабочена економска и енергетска криза во Куба. Недостигот од гориво и продолжените прекини на електричната енергија го отежнуваат функционирањето на основните услуги, вклучително и водоснабдувањето и комуникациите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни