Над 2 милиони евра изнесуваат комуналиите за втората зграда која треба да се гради кај паркингот наспроти хотел „Холидеј Ин“, додека за првата зграда чии бетон е веќе надлабоко навлезен во земјиштето платени се 2.5 милиони евра. Првата градежна дозвола е издадена во време на градоначалствување на сегапоранешниот градоначалник Саша Богдановиќ, додека за втората зграда сегашниот градоначалник Горан Герасимовски потврди дека до Општина Центар е пристигнато барање од инвеститорите за добивање градежна дозвола за изградба и на втората од предвидените три висококатници на просторот спроти „Холидеј ин“.
Пресметката на комуналиите ја прават во Град Скопје по барање на Општина Центар. Токму матичната општина која побара од Град Скопје да ги пресметаат комуналиите неколку недели одбиваа да ја дада информацијата за вкупната сума која треба да ја плати Антиќ и Македонската православна црква, бараната информација пренасочија да се бара во Град Скопје со објаснување дека бараната информација како општина Центар не може да ја споделат, нешто што претходно не беше пракса.
Од Град Скопје велат дека на барање на Општина Центар пресметките се направени и чинат 2,089,595 евра.
„ Барањето за 2-отт објект на инвеститорите МГ Фешн , ТДЗГ Обновители и Македонската Православна Црква –Скопска православна епархија е доставено преку е-одобрение со заверена проектна документација од општина Центар. Според соодветните коефициенти од правилник издаден од Министерството за транспорт и врски, за наплата се утврдени 11.425.02 метри квадратни од 27.777,32 метри квадратни бруто површина. Пресметани давачки за Општина Центар и Град Скопје се во вкупен износ од 128.928,037,00 денари. “ – велат од Град Скопје.
Токму на оваа локација, со одлука на поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, а по претходно прибавено позитивно мислење од Државното правобранителство, државното земјиште им беше предадено на бизнисменот Зоран Антиќ и Македонската православна црква кои пак заедно ја имаа во тоа време формирано фирмата „Обновители“. Земјиштето им е продадено на сегашните инвеститори по багателна цена од 312 евра за метар квадратен.
Тоа што остана симптоматично во процесот на продажбата на државното земјиште е тоа што во тој период додека се вршеше продажбата на земјиштето Деталниот урбанистички план се наоѓаше под мораториум , па остана неодговорено прашањето дали спротивно на одлуката за мораториум се издаде извод до ДУП-от?
Остри реакции во јавноста поради сомнежите за постоење елементи на корупција.
Архитекти, планери, урбанисти, проектанти, изведувачи, професори, еко здруженија, активисти, студенти и останата јавност гласно говореа дека Ново Маало 2 заслужува планска градба, но од план до реализација само запазување на апетитите на инвеститорите гласот на стручната фела не допре до креаторите на политиките па така остана сомнежот дека се што било правено било за задоволување на апетитите на инвеститорите.
ДКСК односно антикорупционерите, на чело со претседателката на Комисијата, Биљана Ивановска застанаа во одбрана на последното, дотогаш неизградено есенцијално парче земја. Сомнежите беа големи за што ДКСК достави и иницијатива до Обвинителството за кривична одговорност на поранешни градоначалници и вработени во Општина Центар и Град Скопје за нелегално носење на Деталниот урбанистички план од 2012 година а за кој стручната фела потврди дека тој ДУП не е усогласен со Генералниот урбанистички план на град Скопје.
Веќе долго време од Обвинителството за организиран криминал и корупција се води предистрага, за што и сега суспендираната шефица Вилма Русковска потврди дека случајот е обемен и дека се постапува. Во последниот одговор на ОЈО, од 24 август, се наведува дека:
„ Предметот што по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција беше отворен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во предистражна постапка и предметниот обвинител ги презема сите неопходни дејствија за расчистување на случајот и ги испитува сите околности наведени во иницијативата. Како што и претходно ве информиравме заради утврдување на релевантни факти до Бирото за судски вештачења е доставена Наредба за градежно архитектонско урбанистичко вештачење. Се очекува вешт наод и мислење од Бирото за судски вештачења во најскоро време да биде доставено до обвинителството, по анализа на истото надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката. Со оглед дека предистражната постапка е тајна во моменов не можеме да споделиме повеќе детали“, се наведува во последниот одговор на ОЈО.
Но се добива впечаток дека предистражната постапка на Обвинителството ќе трае со години и дека можеби МПЦ и АНттиќ ќе ги добијат сите градени дозволи додека ОЈО истражува.
Претходно на целиот случај следеа низа реакции. Советничката Јана Белчева беше меѓу првите во борбена линија во одбрана на последното есенцијално и круцијално парче земја за Скопје. Покрај фамозниот проект Скопје 2014 следен проект кој дополнително го отвори прашањето за хуманиот аспект на живеење и урбанизмот се и планираните и најавуваното бетонизирање на последната голема неизградена, а атрактивната локација наспроти хотел „Холидеј Ин“. Поранешната претседателка на Советот на општина Центар, Јана Белчева-Андреевска во многуте свои изјави навраќајќи се низ годините па се до денес потсети дека на Скопје му се случува дополнителен урбицид – термин кој главно се поврзува со уништувањето на градовите и неговата автентичност во архитектурата и урбанизмот.
Во обидот да го спасат земјиштето од урбицид еден од излезите беше Законот за урбанистичко планирање кој согласно Член 23 дозволува суспензија на Детален урбанистички план. Таков беше случајот со ДУП Градска четврт Ц08 Ново Маало 2.
Но пред да се случи подготовка на елаборати за суспензија, Уставниот суд ја одигра клучната улога во аминување на бетонот кај паркингот наспроти хотел Холидеј со тоа што со одлука на Уставен суд да се укине мораториумот на сила е ДУП-от од 2012 година, според кој покрај трите згради од 16,20 и 22 ката на Антиќ и МПЦ, може да се градат уште плус две шеесеткатници во рамки на две градежни парцели.
Мораториум го оспориле двајца граѓани на Охрид. Уставните судии оценија дека со мораториумот општина Центар ги пречекорила своите законски овластувања, со што ја нарушила правната сигурност и еднаквоста на граѓаните, и неосновано ја довела во прашање уставната гаранција на правото на сопственост. Решение на Уставен суд У.БР.273/2020.
На ваквиот потег следеа протести пред ОЈО. Запирање на градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност, Јавното обвинителство да се произнесе по иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата да одвои средства од централниот буџет доколку општина Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.Ова беа само дел од барањата на денешниот протест пред обвинителството на иницијатива на „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“, на кои поддршка им дадоа и од Левица и од ДОМ, под главниот транспарент„ „Чист воздух од бетон не бива“.
Меѓу механизмите за обид за зачувување на земјиштето беше искористен и Законот за урбанистичко планирање кој овозможува суспензија. Општина Центар по низа превирања и „тргни застани“ ги беше подготвила суспензивните елаборати, така подготвени ги доставија до Министерството за транспорт и врски. Токму Министерството за транспорт и врски кое овозможи продажба на сега поранешно државно земјиште по багателна цена од 312 евра во време кога ДУП-от се наоѓал под мораториум ги отфрли суспензивните елаборати на Општина Центар. Со тој потег според стручната фела Министерството за транспорт и врски го отвори патот на багерите и започна бетонизацијата.
Заплеткани во пајажината на суспензивни елаборати се отплеткаа зградите кај паркингот наспроти „Холидеј Ин“. Додека централната и локалната власт играше пинг-понг, по пресекот на стручното мислење на министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски и стручната комисија од ова ресорно министерство на чело со професорот, Мирослав Грчев дека општина Центар ги промашила елаборатите, сега поранешниот градоначалник, Саша Богдановиќ со контра став дека не ги згрешиле и дека со таквите мислења на транспорт и врски бил доведен во ситуација да ја потпише градежната дозвола за што земале комуналии од околу 2,5 милиони евра.
Сегашниот Градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски кој во својата изборна кампања пред да стане градоначалник на граѓаните од општина Центар им вети дека ќе се бори за похуман третман на просторот на своите граѓани, но пред извесен период кажа дека инвеститорите веќе поднеле барање за градежна дозвола за втората зграда кај паркингот наспроти хотел „Холидеј ин“ и дека веќе ги побарале пресметките од Град Скопје за 2та зграда кои изнесуваат нешто над 2 милиони евра.
На потег е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција!