Собранието во текот на вчерашниот ден ја продолжи кризната состојба во снабдување со електрична енергија на целата територија на државата и во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје.
Кризната состојба е заклучно со 30 април идната година.
На вчерашното продолжение од 86-тата собраниска седница со 83 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласано продолжувањето на рокот на постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, а со 86 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, беше изгласана Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија. Со донесувањето на одлуката Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ќе ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и ќе предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба.