Во Скопје на 26 октомври доаѓа претседателката на Европската комисија , Урсула фон дер Лајен, пренесува НОВА ТВ повикувајќи се на дипломатски извори. Како што дознаваме, целта на оваа посета на првиот човек на ЕК е да ги поттикне европските интеграциски процеси на државата во оваа скрининг фаза како и да ги охрабри политичките лидери да го реафирмираат државниот консензус за европските интеграции исправен пред предизвикот за промената на Уставот со која, како што предвидува преговарачката рамка, треба да ги вклучи етничките Бугари.
Претседателката на ЕК во Скопје, како што информираат дипломатски извори, со себе носи и вести за поддршка за надминување на проблемите кои ги наметнува енергетската криза.
На средбите кои Фон дер Лајен ќе ги има со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ќе стане збор и за актуелното вклучување на Македонија во Фронтекс, а не се исклучува ни можноста овој договор кој на Македонија треба да и помогне да се справи со потенцијалниот прилив на мигранти да биде потпишан за време на нејзината еднодневна официјална посета на Скопје.