Свет

Републиканците сакаат да ја намалат помошта за Украина

Републиканците сакаат да ја намалат помошта за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Републиканската партија дека сака да ја намали финансиската помош за Украина доколку победи на среднорочните избори за Конгресот следниот месец, пренесе АФП.

Тој зборуваше на предизборен митинг во Пенсилванија, држава која се очекува да биде клучна на изборите на 8 ноември. „Републиканците велат дека ако победат, веројатно нема да продолжат да ја финансираат Украина“, рече Бајден и нагласи: „…тие луѓе не разбираат како стојат работите. Прашањето не е само за Украина. Источна Европа. Се работи за НАТО“. Демократскиот претседател рече дека републиканците „воопшто не ја разбираат американската надворешна политика“.

Во вторникот, лидерот на републиканското малцинство во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, предупреди дека неговата партија нема да потпише „бланко чек“ на Украина доколку победи на среднорочните избори. Анкетите покажуваат републиканско мнозинство во Долниот дом на Конгресот, кој сега е под контрола на демократите. Според аналитичарите, партијата на Бајден треба да победи во Пенсилванија и во неколку други држави за да ја задржи својата кревка контрола врз Сенатот.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, администрацијата на американскиот претседател му обезбеди на Киев воена помош во вредност од 17,6 милијарди долари. Тоа беше направено со согласност на двете партии во Конгресот, иако некои претставници на десницата на републиканците се спротивставија. Соединетите Американски Држави беа земјата која обезбеди најголема помош за Украина од почетокот на војната на Путин. Зеленски постојано изразува благодарност до Вашингтон.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни