Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин на која би се разговарало за територијалните прашања со цел ставање крај на војната, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во интервју за финскиот весник Helsingin Sanomat, пренесува Kyiv Post.
Сибиха потврди дека Киев го координирал телефонскиот разговор меѓу Путин, финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере. Нордиските лидери му пренеле на Кремљ две клучни барања од Украина: итен прекин на огнот и предлог за директна средба меѓу Зеленски и Путин.
„Ние ја сакаме таа средба и подготвени сме за неа. Веројатно само средба меѓу Зеленски и Путин може да донесе напредок во преговорите. Зеленски е подготвен да разговара за најтешките и најчувствителните теми, вклучително и прашањето за териториите“, истакна Сибиха.
Тој додаде дека директните разговори би можеле да отворат пат и за мерки за градење доверба, како што се размена на воени заробеници и враќање на киднапираните украински деца. За Киев местото на одржување не е пресудно, под услов тоа да не се Москва или Белорусија. Повикот од Русија Зеленски да ја посети Москва, шефот на украинската дипломатија го оцени како несериозен.
Јазот меѓу Киев и Москва околу местото на средбата
Додека Украина бара неутрален терен, Кремљ продолжува да инсистира на Москва. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, ја отфрли можноста за средба на маргините на самитот Г20 и повтори дека Зеленски може да го прифати повикот да дојде во Русија доколку навистина сака преговори.
Од друга страна, во ноември во Абу Даби се очекува продолжување на трилатералните преговори меѓу Украина, САД и Русија. „Тие разговори ќе покажат дали Русија има сериозни намери да ја заврши војната по дипломатски пат“, изјави Сибиха, иако напомена дека Киев во моментов не гледа такви сигнали од руска страна.
Потреба од посилна улога на Европа
Интензивираните руски напади — при што во последните две недели беа истрелани над 100 балистички ракети врз Украина — беа главната причина за отворање дипломатски канали преку Финска и Норвешка.
Сибиха апелираше за поголем дипломатски ангажман на Европската Унија, изразувајќи загриженост поради одредени чекори на американската администрација предводена од Доналд Трамп, кои, според него, се приближиле до исполнување на дел од руските барања. Сепак, тој нагласи дека учеството на Вашингтон останува клучно за идното обезбедување вистински безбедносни гаранции за Украина.