Кога вчера воен авион Су-30 падна врз куќа во рускиот сибирски град Иркутск, беа оштетени и неколку соседни згради. Висината на штетата се утврдува. Ова денеска на новинарите им го соопшти заменик-градоначалникот на градот Андреј Јужаков, пренесе ТАСС.
Жителите на соседните згради изјавија за агенцијата дека оние што го истражуваат инцидентот не пуштаат некои од нив да влезат во нивните имоти; мораа да преноќат на друго место. За овој случај е отворена кривична постапка. На местото на настанот работат вештаци од истражните органи, а полициски службеници ги испрашуваат лицата кои живеат во околината, јавува БТА.
Поради контаминација на зоната на несреќата со гориво и мазива, специјалисти од службата Роспотребнадзор ќе земаат примероци од воздух. На градската администрација и е доделена подготовка за реставрација на областа, објави денеска во Телеграм гувернерот на регионот Иркутск, Игор Кобзев.
По извршените прегледи ќе се одлучува дали двете семејства кои живееле во уништената куќа – вкупно пет лица, ќе добијат нови домови или ќе се санира оштетениот објект. Секое семејство ќе добие 100.000 рубли како компензација. Властите ќе ги поддржат и семејствата на двајцата пилоти кои загинаа, додаде гувернерот.
Несреќата се случила за време на пробен лет на Су-30. Жртви меѓу населението нема. Избувнал пожар кој зафатил околу 200 метри квадратни, но брзо бил ставен под контрола.