Украина ја обвини руската државна телевизија РТ во неделата за поттикнување геноцид, откако нејзиниот водител рече дека украинските деца кои ги доживуваат Русите како окупатори од советската ера треба да се удават, објави Ројтерс.
Во една програма минатата недела, рускиот фантастичен писател Сергеј Лукјаненко раскажа како, при неговата прва посета на Украина во 1980-тите, локалните деца му рекле дека ќе живеат подобро ако Москва не ја окупира нивната земја.
На ова водителот Антон Красовски одговори: „Требаше да се удават во реката Тисина. Само давете ги овие деца, удавете ги“. Како алтернатива, тој предложи да ги затворат во бараки и да ги запалат.
Во извадок од интервјуто објавен на социјалните мрежи, Красовски се смее на извештаите дека руски војници силувале постари Украинки за време на инвазијата.
„Владите кои сè уште не го забраниле RT треба да го гледаат овој извадок“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер. „Ова е агресивно поттикнување на геноцид (за ова ќе го изведеме овој човек пред лицето на правдата) што нема никаква врска со слободата на говорот. Забранете ја RT ширум светот“, додаде Кулеба.
Красовски е телевизиски коментатор познат по неговите провоени ставови. Против него се воведени санкции од ЕУ.
Неколку часа по избивањето на скандалот, главната уредничка на ТВ каналот Маргарита Симонјан изјави дека Красовски е суспендиран поради неговите „одвратни“ коментари. Никој во РТ не ги сподели неговите ставови, рече таа. Во изјавата на веб-страницата на RT, Симонјан додаде: „На децата на Украина, како и на децата од Донбас и на сите други деца, им посакувам сето ова да заврши што е можно поскоро и тие да живеат и да учат повторно во мир – во јазикот што го сметате за роден“.