Свет

Макрон дојде во Ватикан, разговараше со папата за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска беше примен од папата Франциско во Ватикан, по трет пат откако стана претседател, а разговорот главно беше посветен на војната во Украина. Шефот на француската држава, кој беше во Ватикан придружуван од сопругата, разговараше со папата во аудиенција која траеше речиси еден час.

Според Елисејската палата, разговорот бил фокусиран на меѓународната ситуација, а особено на Украина. Францускиот претседател зборуваше за потребата од „верски дијалог“ и за „улогата“ што може да ја игра Католичката црква.

„Посебно внимание беше посветено и на регионот на Кавказ, Блискиот Исток и Африка“, се вели во соопштението на Ватикан.

Трета средба меѓу Макрон и папата

Ова е трета аудиенција кај Папата за Емануел Макрон, по оние во јуни 2018 и ноември 2021 година.

Претседателот Макрон од неделата е во Рим, каде што одржа говор на отворањето на меѓурелигискиот мировен самит организиран од италијанската католичка заедница Сант Еџидио. Во понеделникот тој се сретна и со претседателот Серџо Матарела.

Во неделата Макрон на конференцијата истакна дека верува оти постои можност за мир во Украина, но дека тоа може да се случи само кога Украинците „одлучат“ да го сторат тоа и според „условите“ на Киев.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни