Бројот на загинати во смртоносното стампедо во Сеул се искачи на 153, изјавија официјални лица за Би-Би-Си.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол прогласи национална жалост.
Јун изрази сочувство за жртвите и на повредените им посака брзо закрепнување.
„Ова е навистина трагично“, рече тој во изјавата и додаде „Во срцето на Сеул се случи трагедија и катастрофа што не требаше да се случи синоќа“.
Толпата која славеше во популарната населба Итаевон се влеа во уличка во саботата вечерта, соопштија службите за вонредни состојби, додавајќи дека бројот на жртвите може да се зголеми.
Инцидентот се случил во саботата вечерта по локално време. Снимките на социјалните мрежи покажуваат стотици луѓе набиени во тесен сокак, згмечени и неподвижни, додека работниците за итна помош и полицијата се обидуваат да ги извлечат.
Сведок на Ројтерс изјави дека импровизирана мртовечница била поставена во зграда во близина на местото на настанот.