На европскиот континент е забележан најтоплиот октомври од почетокот на мерењата, покажуваат податоците на европската агенција Коперник (CS3). Температурите беа речиси 2 Целзиусови степени над просекот за референтниот период 1991-2020 година.
„Веќе денес јасно ги гледаме сериозните последици од климатските промени и треба да преземеме амбициозни чекори на COP27 за да се осигураме дека емисиите ќе се намалат“, рече заменик-директорката на C3S, Саманта Бургес, говорејќи за климатскиот самит што се одржува во Египет.
Рекордни дневни температури во Западна Европа
Податоците покажаа „рекордни дневни температури во Западна Европа и рекордно топол октомври во Австрија, Швајцарија и Франција“. Температурните рекорди беа срушени и минатиот месец во големи делови од Италија и Шпанија.
Во меѓувреме, пониски од просечните температури се забележани во Австралија, источна Русија и делови од западен Антарктик, пишува DW.
Во Египет во тек е самитот за климата
Светските лидери се собраа во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на климатската конференција на ОН COP27. Земјите треба да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ја намалат употребата на фосилни горива за да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Нашата планета е веќе 1,1 степени Целзиусови потопла отколку што беше на крајот на 19 век. Околу половина од тој пораст на температурата се случи во последните 30 години. Научниците предупредуваат дека поради климатските промени гледаме посериозни топлотни бранови, топење на глечерите и зголемување на нивото на морето.
Говорејќи на самитот COP27, шефот на ОН Антонио Гутереш предупреди дека земјите мора да се држат до своите цели за намалување на емисиите или ќе се соочат со „колективно самоубиство“.