Десет лица се повредени во сообраќајна несреќа меѓу бугарски туристички автобус и камион во близина на Одрин, Турција. Четворица бугарски државјани се хоспитализирани и сите се надвор од животна опасност, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Според информациите од Генералниот конзулат на Бугарија во Одрин, уште четворица од повредените имаат лесни повреди за кои не е потребно болничко лекување, додека две лица одбиле лекување.
Автобусот патувал од Русе кон Истанбул, а во него имало 51 турист и двајца возачи. На патот Капикуле – Одрин, во близина на селото Јеникадин, автобусот удрил во камион што се движел пред него.
Од бугарското МНР наведуваат дека Генералниот конзулат во Одрин е во постојан контакт со локалните власти, ја следи состојбата и е подготвен да ја обезбеди потребната конзуларна помош.