Лицата ангажирани со привремени договори во дел од јавниот сектор би добиле работен однос на неопределено време, во две фази, со краен рок до 31 декември 2027 година. Ова го предвидува Предлогот на закон за трансформација во редовен работен однос, предложен од група пратеници по скратена постапка. Сепак, трансформацијата би зависела од исполнувањето на условите за работното место и од согласноста на Министерството за финансии, кое ќе може да ја одбие и поради недостиг на расположливи буџетски средства.
Предлагачите го образложуваат решението како обид да се надмине долгогодишниот проблем со луѓе кои извршуваат редовни и неопходни задачи во институциите, но остануваат ангажирани преку договори, без сигурноста што ја носи вработувањето на неопределено време.
Предлогот ги опфаќа ангажманите со договор за работа на определено време, договор за дело, авторски договор и преку агенции за привремени вработувања. Тој би се применувал во органите на државната власт, установите од културата, здравството, детската и социјалната заштита основани од државата, јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е државата. Опфатени се и лицата ангажирани за административни работи во единиците на локалната самоуправа.
Договори во рок од 90 дена, но дел од вработувањата до крајот на 2027 година
Според предложениот член 3, институциите би имале обврска во рок од 90 дена од влегувањето на законот во сила да склучат договори за вработување на неопределено време или да донесат решенија за вработување.
За најмногу 50 проценти од вкупно ангажираните лица, договорите или решенијата би стапиле во сила веднаш со потпишувањето, односно донесувањето. За преостанатите, рокот е најдоцна до 31 декември 2027 година. Тоа значи дека рокот од 90 дена се однесува на оформувањето на договорите и решенијата, а не на почетокот на редовниот работен однос за сите опфатени лица.
Во предложените одредби не се утврдени критериуми според кои би се одлучувало кој ќе влезе во првата, а кој во втората фаза.
До стапувањето во сила на решенијата, институциите не би смееле да ги раскинуваат договорите со опфатените лица, освен ако тие ги повредат преземените договорни обврски. Предлогот предвидува и продолжување на ангажманот до почетокот на новиот работен однос.
Нема услов за минимален претходен стаж
Иако образложението се повикува на долгогодишни ангажмани, во самиот предложен закон не е утврден минимален период што некое лице мора да го има поминато во институцијата.
Членот 2 предвидува трансформацијата да важи исклучиво за лицата кои извршуваат работи врз основа на договор склучен до денот на влегувањето на законот во сила. Со тоа, опфатот не е ограничен само на луѓе ангажирани со години, ниту, пак, пресечниот датум е врзан за денот на поднесување на предлогот.
Сепак, лицата ќе треба да ги исполнуваат општите и посебните услови за соодветното работно место, утврдени со закон и со систематизацијата. Институциите на кои ќе им биде потребна измена на систематизацијата би имале рок од 14 работни дена од влегувањето на законот во сила за нејзино усогласување.
Финансии ќе може да ја запре трансформацијата
Клучен услов е финансиската согласност. Министерството за финансии би ја издавало на барање на институцијата, која ќе мора да ги достави и договорите со ангажираните лица.
Министерството ќе може да не даде согласност ако оцени дека законските услови не се исполнети или дека трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства. Согласноста ќе биде потребна и за пријавувањето на вработувањето во Агенцијата за вработување.
Оттука, и покрај предвидената обврска институциите да ги трансформираат ангажманите, редовното вработување нема да биде безусловно. Во предлогот не е утврден посебен рок во кој Министерството за финансии треба да одговори, ниту е детално уредено како ќе се постапува со рокот од 90 дена ако согласноста изостане.
Училиштата, МВР и безбедносните служби се меѓу исклучоците
Предложеното решение нема да важи за целиот јавен сектор.
Од примената се исклучени акционерските друштва, канцелариите за контакти на пратениците со граѓаните, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата, општинските и државните основни и средни училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи.
Исклучени се и Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Ограничување на новите договорни ангажмани од 2028 година
За да се спречи повторно создавање голем број привремени ангажмани, предлогот предвидува ограничување: по трансформацијата, институциите би можеле да ангажираат лица со наведените видови договори најмногу до 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година, со претходна финансиска согласност.
Но оваа одредба би почнала да се применува дури од 1 јануари 2028 година.
Предвидена е и можност процентот да се надмине најмногу четири месеци во една фискална година, повторно со согласност од Министерството за финансии. Ограничувањата не би важеле за одредени ангажмани, меѓу кои проекти финансирани од странски извори, адвокатски и сметководствени услуги, надворешни соработници на пратеничките групи и одделни стручни и теренски ангажмани во државни институции.
За раководител кој ќе постапува спротивно на ограничувањата од членот 6 е предложена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Нема точна бројка на опфатени лица, ниту пресметка на трошокот
Во доставениот документ не е наведено колку лица би добиле редовен работен однос, ниту колку точно би чинела трансформацијата.
Предлагачите признаваат дека ќе се зголемат расходите за плати, придонеси и други надоместоци. Истовремено наведуваат дека дел од трошоците веќе постојат преку исплатите по договори, па дополнителниот товар би бил разликата до вкупниот трошок за редовно вработување. Тврдат и дека потребните средства се обезбедени во државниот буџет и во соодветните институции, но без да приложат конкретни износи во текстот на предлогот.
Законот се предлага по скратена постапка со образложение дека не е сложен и обемен. Предвидено е да влезе во сила на денот на објавувањето во „Службен весник“, кога би престанал да важи досегашниот Закон за трансформација во редовен работен однос.