Македонија

Рашковски поднесе кривична пријава за обвинителката Трајчева

Рашковски поднесе кривична пријава за обвинителката Трајчева

Адвокатскиот тим на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски поднел претставка против јавната обвинителка Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Ова се должи, како што вели Рашковски, бидејќи обвинителката издала наредба на двајца истражители – полицајци во ОЈО ГОКК да прибават документација и информација за неговата здравствена состојба и да напишат извештај за истата, како и други податоци поврзани со него како пациент од ординацијата каде е неговиот матичен лекар.

-Со ваквото постапување, надвор од своите овластувања, Ивана Тајчева направила груба повреда на Кривичниот закоин со извршување на кривично дело од член 353 од кривичниот законик, како и повреда на низа одредби од Законот за кривична постапка. Имено, во услови кога е очигледно дека е затворена истрагата по кривичниот предмет, превземање на истражни дејствија НАДВОР ОД ОПФАТОТ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО ЗА КОЕ СЕ ТЕРЕТАМ во обвинителниот акт, при затворена истрага е најблаго речено САМОВОЛИЕ, стои во соопштението од Рашковски.

Тој додава дека обвинителката Трајчева има постапено спротивно од Законот за заштита на лични податоци, и тоа спротивно на член 84 со кој се вели дека (1) Само по претходно добиено одобрение од страна на Агенцијата се врши обработка на следниве лични податоци: – податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето.

-Според моите сознанија Трајчева нема побарано одобрение за да се обработуваат моите лични податоци кои се однесуваат на моето здравје, нагласува поранешниот генсек во Влада.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни