НОВИОТ британски премиер Риши Сунак за прв пат го посети Киев, ветувајќи дека ќе ја продолжи цврстата поддршка за Украина што беше во фокусот на неговите претходници, а истовремено најави и нов пакет помош за воздушна одбрана против руските беспилотни летала. „Британија знае што значи да се бориш за слобода“, напиша Сунак на Твитер. „Ние сме со вас цело време“, додаде тој.
Сунак, исто така, рече дека Велика Британија ќе обезбеди нов пакет воена помош во вредност од 50 милиони фунти, кој вклучува противвоздушно оружје и технологија како радар за спротивставување на напади со беспилотни летала. Лондон, исто така, истакна дека ќе ја засили обуката на украинските војници.
Постојана поддршка
„Додека украинските вооружени сили успеваат да ги потиснат руските сили на теренот, цивилите се брутално бомбардирани од воздух“, се вели во соопштението на Сунак. „Денеска обезбедуваме нова воздушна одбрана, вклучително и противвоздушно оружје, радарска и противдрон опрема и ја засилуваме хуманитарната поддршка за студената, тешка зима што претстои“, додаде тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео од средбата меѓу двајцата во Киев и ја поздрави континуираната поддршка од Лондон. „Со пријатели како тебе покрај нас, ние сме уверени во нашата победа. И двете земји знаат што значи да се бориш за слобода“, напиша Зеленски на Твитер.
Сунак, поранешен министер за финансии, ја презеде функцијата минатиот месец по краткотрајната премиерска функција на Лиз Трас. За неа и за нејзиниот претходник Борис Џонсон, јавната поддршка за Украина беше важен дел од политиката.