Цел киевски регион остана без струја по руските воздушни напади врз критичната инфраструктура, изјави Олексиј Кулеба, шеф на регионалната воена администрација. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм објави дека е прекинато водоснабдувањето.
Неколку единици во нуклеарната централа Пивденукраинск во јужна Украина беа затворени во средата поради прекини на струја за време на руските воздушни напади низ Украина, соопшти украинската нуклеарна компанија Енергоатом. „Сè е во ред со нуклеарната централа. Немаме каде да произведуваме струја“, рече портпаролот на Енергоатом, мислејќи на нуклеарната централа лоцирана во регионот на Миколаев.
Локален претставник изјави дека единиците не работат ниту во нуклеарната централа Хмелницки во западна Украина. „Ги запираме блоковите. Нема струја, вода, греење“, објави на Фејсбук Олександар Шупруњук, градоначалник на градот Нетишин во близина на електраната.
Половина Молдавија без струја
Руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија во половина од Молдавија, објави во средата на Твитер молдавскиот вицепремиер Андреј Спуни, кој ја извршува и функцијата министер за инфраструктура.
„Операторот Moldelectrica работи на повторно поврзување на повеќе од 50 отсто од земјата на електрична енергија. Струја нема ниту во Придњестровје, соопшти локалното МВР.