Балкан

Вработени во Алта банка: Ни рекоа итно да ги префрлиме платите во други банки

Вработени во Алта банка: Ни рекоа итно да ги префрлиме платите во други банки

Вработени во Алта банка во Србија добиле плата пред вообичаениот рок, со напомена веднаш да ги префрлат парите на сметки во други банки, иако раководството претходно ги уверувало дека сè е во ред. Ова го објави „Нова економија“, повикувајќи се на анонимни извори од банката, кои сведочат за случувањата пред одземањето на дозволата за работа.

Според нивните тврдења, работењето до понеделникот, 26 октомври, се одвивало вообичаено. На вонреден колегиум, раководството ги отфрлило информациите за изнесување големи суми пари како сензационалистички медиумски написи.

„Во фирмата се однесуваа како ништо да не се случува“, изјавил еден од изворите за „Нова економија“.

Од вторникот, 27 октомври, вработените почнале да забележуваат масовно повлекување средства. Според нив, физички и правни лица вршеле и повеќемилионски конверзии, по што ги префрлале парите на сметки во други банки во Србија.

Во истиот период, според написот, во банката се ширеле непотврдени информации за повеќемилионски исплати во евра преку менувачките шалтери, како и дека „Електропривреда Србије“ префрлила повеќе од 300 милиони динари во „Поштанска штедионица“.

Ситуацијата, според соговорниците на медиумот, кулминирала на 30 октомври, кога во банката пристигнал тим од Народната банка на Србија. Раководството повторно одржало состанок и ги уверувало вработените дека сè е во ред.

Но, истиот ден им биле предвреме исплатени платите за претходниот месец, со порака итно да ги префрлат средствата во други банки. На оние што немале друга сметка, според изворите, им било кажано веднаш да отворат.

И покрај ваквиот развој на настаните, во интерните групи за комуникација вработените добиле известување во понеделник да дојдат на работа, пишува „Нова економија“.

Медиумот пренесува и загриженост меѓу руски државјани што користеле услуги на Алта банка во Србија. Според неговите извори, меѓу клиентите имало руски физички и правни лица со значителни средства на сметките.

Во групите на Телеграм во кои руски државјани разменуваат информации за животот во Србија, според „Нова економија“, се дискутира за можностите за исплата и за судбината на средствата над износот од 50.000 евра, кој се споменува во контекст на осигурените депозити.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни