Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Петар Петковиќ, во четвртокот вечерта, по повод влезот на двесте косовски полицајци во северниот дел на Косовска Митровица, изјави дека Србија „ќе размисли“ за враќање на до 1.000 припадници на армијата и полицијата на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Косовските медиуми на српски јазик објавија дека по 20 часот во четвртокот меѓу 200 и 300 полицајци придружувани од оклопни возила влегле во северниот дел на градот, кој е претежно населен со Срби, и дека биле распоредени на периферијата на градот. по што Петковиќ закажа вонредна прес-конференција во Владата на Србија.
Неговата оценка е дека косовскиот премиер Албин Курти со испраќањето на полицијата „продолжува со незаконски и насилни акции“ насочени кон „окупација на северот на Косово“, кој е претежно населен со Срби.