Блокадата продолжува – камиони и автобуси остануваат на патиштата во северно Косово кои водат до две гранични точки со Србија, јавуваат светските медиуми. Контролните пунктови Јарине и Брњак се затворени за сообраќај откако косовските Срби вчера подигнаа барикади. Повод беше апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ, приведен на контролниот пункт Јарине.
Престрелка во која учествуваа косовската полиција и косовските Срби избувна во близина на езерото на границата. Ноќта ја одбележаа експлозии, пукотници и блокади на патиштата.
Пантиќ е еден од околу 600 полицајци од косовски Срби кои минатиот месец поднесоа оставка во знак на протест поради одлуката на косовската влада да ги замени српските таблички на автомобили со косовски. Полицијата во Приштина тврди дека тој бил уапсен поради наводен напад на канцеларија на изборната комисија.
„Барикадите на маскираните криминалци на северот на земјата мора веднаш да се отстранат“, повика косовскиот премиер Албин Курти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера го свика Советот за национална безбедност и побара деескалација на тензиите и ослободување на сите приведени Срби во северно Косово.
Косовските Срби не треба да преземаат насилни акции против силите на НАТО и членовите на мисијата на Европската унија на Косово, нагласи тој.