Демонстрантите вечерва ја урнаа заштитната ограда пред Собранието на Црна Гора, по што полицијата фрли солзавец. Демонстрантите тврдат дека измените на Законот за претседател имаат за цел да го урнат уставниот поредок и велат дека тоа нема да го дозволат. Толпата извикуваше „предавство, предавство“ и ги навредуваше премиерот Дритан Абазовиќ и министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ. Во протестите беа повредени две лица.
Собранието на Црна Гора денеска по втор пат ги усвои измените на Законот за претседател со кои се овозможува влада да се избира без согласност на претседателот. За донесување на Законот гласаа 41 пратеник, кој учесниците на протестот го проследија со свирежи, а потоа фрлаа со шишиња и камења кон полициските сили, пренесува Klix.ba.
Со камен е скршено стаклото на влезната врата од Собранието, а од безбедносни причини е изгаснато светлото во парламентот, јави РТЦГ. Лидерот на Форумот на слободни граѓани Луча, организатор на протестот, соопшти дека средбата е прекината и побара од граѓаните мирно да си заминат. Но, стотина граѓани останаа пред собраниската зграда, иако претставниците на ДПС ги повикаа мирно да се разотидат.
Дел од демонстрантите се разотидоа претходно, по говорот на граѓанскиот активист Предраг Вушуровиќ. По усвојувањето на Законот за претседател, Вушуровиќ најави дека од утре ќе ги блокира сите градови во Црна Гора. Колку сме, а ги има, допрва ќе се види“, изјави Вушуровиќ. Тој заклучи дека со денешното гласање дефинитивно е потврдено предавството на Црна Гора.