Министрите на Европската унија денеска го одобрија доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина.
Одлуката мора да ја потврдат 27-те лидери на блокот, кои ќе се соберат во четврток во Брисел на самит.
„Ова е силен сигнал за регионот на Западен Балкан и особено за граѓаните на Босна и Херцеговина“, напиша на Твитер австриската министерка за ЕУ, Каролин Едштадлер.
Кандидатскиот статус во голема мера е симболичен чин со кој се признава дека избраната земја ќе го започне долгиот и сложен процес на пристапување. Тоа автоматски не води кон отворање на преговорите.
Но, сепак тоа е поттик за малата земја од 3,5 милиони жители, која поднесе барање за приклучување во 2016 година и доби одобрение од Европската комисија во 2019 година.