Косово оваа недела ќе поднесе барање за влез во Европската унија . Ова го изјави премиерот Албин Курти, информира Ројтерс. Според него, овој процес се очекува да трае со години, ако не и децении и зависи од нормализацијата на односите со Србија.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година со западна поддршка по војната од 1998 до 1999 година во која НАТО интервенираше за да ја заштити територијата.
Косово не е членка на ОН. Пет земји од ЕУ, и тоа Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар, одбиваат да ја признаат како земја. Независноста на Косово е призната од околу 110 земји , но не и од Србија, Русија или Кина, меѓу другите.
Европската унија е место на мир, безбедност, еднаквост и просперитет и затоа местото на Република Косово е во овој заеднички дом како земја која го сака мирот, посочи Курти.
Пред можното членство во ЕУ, земјата мора да ги израмни односите со Србија. ЕУ подготвува договор за кој се надева дека ќе биде прифатен од двете страни. Тензиите меѓу Србија и Косово ескалираа во последните месеци поради намерата на властите во Приштина да ги заменат српските регистарски таблички на автомобилите со локални.
Косово е единствената земја од Западен Балкан која сè уште нема поднесено барање за членство во ЕУ.