Вистинска драма се случувала вчера на летот од Истанбил кон Скопје. Патниците од редовната авио линија биле вознемирени од две лица кои започнале физички да се пресметуваат откако авионот бил во воздух.
Како што дознаваме не е побарано итно слетување или враќање назад на авионот на аеродромот бидејќи станува збор за краток лет од еден час. Случајот го потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи на Македонија, од каде додаваат дека две лица се уапсени.
„На 16.12.2022 во 17.00 часот на Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници ги лишиле од слобода У.Ш.(61) и Љ.С.Ш.(58), двајцата од Република Турција, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка во воздухоплов кој летал на релација Скопје – Истанбул“, велат од МВР.
Двете лица, инаку турски државјани се задржани во полициска станица, каде ќе им биде поднесен соодветен поднесок поради инцидентот кој го направиле во авионот.