Велика Британија ја обвини Русија дека има намера да му даде на Иран високотехнолошки воени компоненти во замена за стотици беспилотни летала, објави Ројтерс, повикувајќи се на британскиот министер за одбрана Бен Валас.
„Иран стана еден од главните воени спонзори на Русија“, рече Валас во говорот во британскиот парламент за конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Во замена за добивање на повеќе од 300 беспилотни летала камикази, Русија сега има намера да му обезбеди на Иран високотехнолошки воени компоненти, што ќе ја поткопа безбедноста и на Блискиот Исток и на глобално ниво“, додаде британскиот министер за одбрана. Тој не прецизираше за какви воени компоненти станува збор. Руското Министерство за одбрана и иранското Министерство за надворешни работи засега не ги коментираат неговите тврдења.
Велика Британија, заедно со нејзините западни сојузници, почна да обезбедува воена помош за Украина по почетокот на инвазијата, која Русија ја нарекува „специјална операција“ за демилитаризација на соседот и искоренување на националистите.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, претходно денеска му рече на иранскиот министер за надворешни работи дека Техеран треба веднаш да ја прекине воената поддршка за Русија. Иран призна дека ја снабдува Москва со беспилотни летала, но рече дека тие биле испратени пред војната во Украина. Русија ги користи за цел на електрани и цивилна инфраструктура, според Ројтерс. Велика Британија, САД и ЕУ воведоа санкции за ирански воени претставници и одбранбени производители за кои се верува дека се поврзани со испораката на ирански беспилотни летала за Русија.