Сеад Кочан за случајот „Труст“ на СЈО ќе треба да издржува казна затвор од 4 години и 8 месеци, одлучи денеска Апелациониот суд Скопје. Со првичната првостепена пресува Кочан беше осуден на казна затвор од 6 години, но денеска Апелација одлучи казната затвор да биде намалена.
„По одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетите С. К. од С. и В. А. од С., делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената одлука во делот на казната и обвинетиот С. К. го осуди на казна затвор во траење од 4 (четири) години и осум (осум) месеци, а на обвинетиот В. А. му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од 2 (две) години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 5 (пет) години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Апелациониот суд Скопје во останатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди“, соопшти Апелациониот суд Скопје.
Двајцата се осудени за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.