Семејство по потекло од Кочани, кое 50 години живее во Канада, за празниците дошло во Македонија, но наместо празнична атмосфера – преживуваат здравствена голгота во болницата во градот, јавува ТВ „24“.
„Оставете број, ќе ви се јавиме ако умре” – членовите на семејството обвинуваат дека со овие зборови биле „примени” во болницата во Кочани, каде во моментов е сместен сопругот на Фредерика Шанговска.
Тој е на Интерното одделение, но неговата сопруга тврди дека не добила каква било информација за неговата состојба. Кога по некое време успеале да го видат, велат дека глетката била страшна.
„Тој беше ставен во терминално одделение, и беше мокар од појасот надолу. Успеавме со ќерката да го пресоблечеме…“, раскажува Шанговска за телевизијата.
Пациентот претходно имал проблеми со тироидната жлезда, за која прима терапија, а по оваа голгота, семејството вели дека сакаат да го префрлат во Канада. Посочуваат на катастрофалните услови во кочанската болница.
„Работата не е само за мене. Јас гледам само да можам да го извадам оттука, за да можам да го пренесам во Канада. Проблемот е многу поголем. Што е со луѓето што остануваат тука?“, прашува Шанговска.
За овој случај семејството Шанговски го известиле и конзулатот на Канада во Македонија и Канадската Амбасада.
Директорот на кочанската болница засега не се огласува за овој случај.