Претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од дожд ќе преовладува во Македонија на почетокот на новата работна недела. Локално се очекуваат пообилни врнежи, со количини над 15 литри на квадратен метар.
Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, додека во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремен дожд и слаб северен ветер.
Нестабилните временски услови ќе се задржат до вторник, кога се очекува и најинтензивниот дожд. На одредени места количината на врнежи може да надмине 20 литри на квадратен метар.
Од среда следува постепено подобрување на времето. До почетокот на викендот ќе преовладуваат стабилни и суви временски услови, со променлива облачност која кон сабота постепено ќе се намалува.
Во наредните денови ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, повремено поизразен долж Повардарието.