Свет

Русија се закани дека ќе го намали производството на нафта како одговор на наметнатата ценовна граница

Русија се закани дека ќе го намали производството на нафта како одговор на наметнатата ценовна граница

Русија ќе го забрани снабдувањето со нафта и нафтени деривати на земјите кои го поддржаа ценовниот плафон на Европската унија за руското црно злато. Ова го тврди вицепремиерот Александар Новак за локалните медиуми.

Мерките за одговор ќе станат јасни следната недела, кога Владимир Путин ќе го потпише соодветниот декрет. Меѓу нив се зборува за намалување на руското производство на нафта од 5% до 7%.

Во изјавата за новинарите, Путин го употреби зборот „војна“ за прв пат по инвазијата на Украина, која во Русија е оквалификувана како „специјална воена операција“.

„Нашата цел не е да го занишаме нишалото на конфликтот, туку напротив – да ставиме крај на оваа војна. Ние го сакаме ова и се стремиме да го постигнеме“, рече Владимир Путин.

Пратеник од опозицијата побара обвинителството да спроведе истрага против претседателот. Според законот против ширење на лажни вести за руската војска, зборот „војна“ е предмет на кривично гонење, на што се подложени десетици новинари и обични граѓани.

А според украинските власти, руската администрација на окупираниот Мариупол почнала да ги урива остатоците од градскиот театар за да ја прикрие смртта на стотици цивили.

На 16 март зградата, во која се криеја повеќе од 1.200 луѓе, беше бомбардирана, при што различни проценки за жртвите беа меѓу 300 и 600.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни