Македонија

Голем пожар во автобуска компанија кај Кочани – мобилизирани сите пожарникари

Голем пожар во автобуска компанија кај Кочани – мобилизирани сите пожарникари

Голем пожар утрово избувнал во објект на автобуската компанија „Белдона“, во близина на селото Тркање кај Кочани. Огнената стихија го зафатила објектот во месноста Цацков Бунар, недалеку од бензинската пумпа на „Лукоил“.

Пожарот избувнал околу 9 часот, по што веднаш била активирана Територијалната противпожарна единица од Кочани. Поради сериозноста на ситуацијата, биле мобилизирани сите расположливи пожарникари и противпожарни возила, а била побарана и дополнителна помош.

Командирот на противпожарната единица од Кочани, Драган Апостолов, информира дека по добиената дојава за запален објект на паркингот за автобуси, веднаш биле преземени активности за спречување на ширењето на огнот.

„Ја мобилизиравме целата единица, го повикавме Доброволното противпожарно друштво и побаравме дополнителна помош. Пожарот го гасевме со сите расположливи средства и возила. Во моментов е изгаснат и ставен под контрола“, изјави Апостолов.

Според него, на пожарникарите им бил потребен околу еден час за да го локализираат пожарот и да спречат негово проширување кон околните објекти.

Причините за избувнувањето на огнот засега не се познати. Апостолов посочи дека утврдувањето на причините и настанатата штета е во надлежност на соодветните инспекциски служби.

За случајот се известени полицијата и надлежните инспектори, кои треба да ги утврдат околностите под кои избувнал пожарот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни