Македонија

Дескоска пред голем предизвик – тешко ќе се постигне 2/3 мнозинство за СЈО

Неучеството на албанските партии на синоќешната средба меѓу Заев и Мицкоски, на која се зборуваше и за СЈО, ја изреволтира опозициската Беса. Иднината на СЈО и реформаските закони не се ексклузивно право на македонските партии туку прашања кои бараат поширок консензус, рече генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа. Поддршката на Беса за предлог законот за СЈО е се уште под знак прашалник.

„За жал многу прашања и дилеми остануваат отворени. Ние не можеме да се позиционираме во оваа фаза без да го имаме извештајот за сработеното на СЈО. Ги охрабруваме да го вклучат албанскиот политички фактор како важен фактор во овој процес и ние да дадеме свој придонес за многу прашања кои се однесуваат на СЈО. Движење Беса од денеска натаму нема да поддржува бланко барања на Владата туку внимателно ќе ги разгледува и ќе ги доставуваме“, изјави Аријанит Хоџа – генерален секретар на Движењето Беса.

За работата на СЈО незадоволни се и од Алијанса за Албанците. Пратеникот Сурија Рушиди рече дека обвинителството постапувало по политички директиви, а предлог законот за СЈО го нарече обид да се замачкаат очите на меѓународниот фактор дека во земјава се прават реформи. Суштината на овој предлог закон според Рашиди е амнестија на оние кои се слушаат во бомбите и кои се вклучени во криминал и корупција.

„За нас е неприфатливо главниот обвинител на СЈО да го бира Советот на обвибители, политизиран инструмент кој е контролиран од политички субјекти на СДСМ, ВМРО и ДУИ. Бараме СЈО да се бира како резултат на поширок политички и етнички консензус. Бараме СЈО да ги истражува сите предмети кои произлегуваат од таканаречените бомби без фиктивни рокови за условување“, изјави Сурија Рашиди – пратеник на Алијанса за Албанците.

Овие критики од Алијансата ќе се претворат во амандмани и ќе се достават до Собрание, најави Рашиди. За предлог законот, ТВ21 побара став и од независната група од 8 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а пратеничката Емилија Александрова со смс порака одговори дека „се уште е рано за изјави“. Задолжена да ја убеди опозицијата за предлог законот за СЈО е  и министерката за правда, Рената Дескоска. Од нејзиниот кабинет се свесни дека нема да биде лесно да се добијат гласовите од опозицијата за овој предлог закон.

„Очекуваме од сите пратеници доколку имаат амандмани и забелешки да ги подготват и достават. Согласно изјавата на ПВРСМ Зоран Заев, најпрво на маса ќе седнеме со најголемата опозициона партија, а потоа и со другите. Уште од самиот почеток кажавме дека ова ќе биде еден од законите за кои ќе биде најтешко да се постигне 2/3 мнозинство, но ќе направиме обид, без нарушување на квалитетот на законот да дојдеме до тоа мнозинство“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Средбите се очекува да се остварат следниве денови, без прецизирање датум. Новиот предлог закон за СЈО предвидува ова обвинителство да биде под капата на Редовното Обвинителство задржувајќи ја својата финансиска независност. Со оглед на тоа дека измина рокот за употреба на „бомбите“ како доказ во судските постапки, предлог законот предвидува тие да не се употребуваат веќе како материјални докази. Затоа, постои можност некој да и избега на правдата, рече пред неколку дена специјалната обвинителка Катица Јанева. Сепак пред еден ден премиерот Заев и изјави дека „бомбите“, иако нема да се употребуваат како докази, може да послужат како индиција која ќе послужи да се стигне до материјалните докази.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни