Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во петокот дека Киев ќе ги засили своите дипломатски активности во Африка, Латинска Америка и Азија за да го искористи „колосалниот економски потенцијал“, објави Ројтерс.
Африканските земји различно реагираа на упадот на Русија во Украина, при што некои земји, како Јужна Африка, имаат блиски трговски и безбедносни врски со Русија кои не сакаат да ги загрозат, забележува агенцијата.
Во своето редовно видео обраќање, Зеленски рече дека украинските дипломати ќе се фокусираат на земјите каде Украина има помало влијание, особено на помалку развиените.
Таму има колосален економски потенцијал и значајни дипломатски можности“, рече украинскиот претседател.
Тој го привлече вниманието на гласовите за поддршка на Украина од земјите во развој во Генералното собрание на ОН.
Украина се обидува да ги придобие африканските земји за својата кауза преку промовирање хуманитарна иницијатива за жито за ублажување на гладот во ранливите земји, забележува Ројтерс.
Руската блокада на украинскиот земјоделски извоз преку Црното Море предизвика глобален недостиг на жито и ѓубрива оваа година и ги загрози животите на милиони луѓе пред да биде постигнат делумен договор со посредство на ОН во јули, соопшти агенцијата.
„Ги разгледуваме нашите односи со десетици африкански земји“, рече Зеленски претходно во петокот на конференцијата на украинските амбасадори во светот што се одржа во Киев. „Следната година мораме да ги зајакнеме“, додаде тој.
Зеленски, исто така, рече дека Украина сака да воспостави трговски мисии на неколку места во Африка. Тој не прецизираше каде ќе бидат лоцирани планираните нови амбасади или трговски центри, но додаде дека би сакал Украина да биде претставена во 30 земји на континентот.