Половина милион луѓе секојдневно се заразуваат со коронавирусот само во кинескиот град Кингдао, изјави општински здравствен службеник во написот кој брзо беше цензуриран. Според него, официјалната статистика не го одразува невидениот бран на инфекции што го доживува земјата.
На почетокот на декември, среде растечкото незадоволство на јавноста, Кина неочекувано стави крај на повеќето строги здравствени мерки од политиката „нулта ковид“ што строго ја спроведуваше од 2020 година, укинувајќи ги тешките карантини и ограничувањата за патување што имаа огромно влијание врз кинеската економија.
Оттогаш, има нагло зголемување на бројот на инфекции низ целата земја, празнење на полиците во аптеките и полнење на болничките одделенија, притоа придонесувајќи за очигледната пренатрупаност на крематориумите.
Медиумите во источниот град Кингдао, управуван од Комунистичката партија, го цитираа здравствениот претставник дека пристанишниот град забележува „помеѓу 490.000 и 530.000“ нови случаи на ден. Градот со околу 10 милиони жители е „во период на брзо пренесување пред да го достигне својот врв“, рече Бо Тао, цитиран во написот, додавајќи дека стапката на инфекции се очекува да се зголеми за уште 10 проценти во текот на викендот. .
Написот беше споделен од неколку други медиуми, но беше уреден утрово за да се отстранат бројките.
Кинеското Министерство за здравство денеска објави 4.103 нови случаи на инфекција низ целата земја, без нови смртни случаи. Во Шандонг, провинцијата каде што се наоѓа Кингдао, властите официјално регистрираа само 31 нов случај.