Двесте седумдесет и девет набљудувачи ќе ангажира Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски избори, чиј прв круг е закажан за 21 април.
Денеска и официјално почна набљудувачката мисија за претседателските избори, а мисијата ја предводи Корин Јонкер, која на прес-конференција појасни дека ја сочинуваат 11 експерти со седиште во Скопје, а следниот понеделник во земјава пристигнуваат 18 долгорочни набљудувачи.
Тие ќе работат во девет тимови по двајца, при што ќе се води сметка тимовите да имаат мултиетнички карактер. Неколку дена пред изборите ќе се приклучат 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата на територија на земјата, а на денот на изборите набљудувачката мисија на ОДИХР ќе ги здружи своите сили со делегациите на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа.
-Ова е вкупно 18-та мисија. Нашата последна мисија беше за време на референдумот. Со мисијата ќе вршиме набљудување не само на денот на гласањето, туку и пред гласањето и по изборите. Ќе го набљудуваме спроведувањето на изборите на сите нивоа, регистрацијата на гласачите, на кандидатите, самата кампања, како се финансира и известувањето на медиумите. Наш интерес не е резултатот од изборите, туку фер, демократски, непристрасен процес, сите учесници да имаат еднакви можности и гласачите да ги остварат своите права загарантирани со закон, изјави Корин Јонкер, ОБСЕ/ОДИХР.