Македонија

Спасовски традиционално на предновогодишно академско кафе дружење и промоција на новата генерација дипломци на Факултетот за безбедност

Спасовски традиционално на предновогодишно академско кафе дружење и промоција на новата генерација дипломци на Факултетот за безбедност

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Факултетот за безбедност при Универзитетот “Свети Климент Охридски“ во Скопје,  традиционално веќе неколку години по ред го испи предновогодишното  академско кафе  со студентите и професорите на овој Факултет и ја искористи можноста да се дружи, да поразговара и да  сподели размислувања за теми од заеднички интерес , важни за студентите на оваа наша најстара и реномирана високообразовна институција од областа на безбедноста.

,,Токму ваквата форма на комуникација бездруго е мошне полезна  затоа што нуди можност за отворен, близок дијалог за безбедноста и безбедносните прашања што сите нас не обединува како заеднички фокус и предмет на професионален и академски научен интерес. Впрочем и во неколку мои поранешни излагања по различен повод пред овој академски аудиториум, сум потенцирал со лична увереност –  дека практиката и науката мора секогаш да одат рака под рака, како взаемно испреплетени фактори на безбедноста затоа што само така може да се очекува напредок и континуитет во унапредувањето на кој било безбедносен сегмент“-рече Спасовски .

Министерот Спасовски се осврна на повеќе безбедносни прашања, со тоа што акцент стави на борбата против сајбер заканите, на материјално-техничкото опремување, на човечките ресурси како најголем проблем, не само за МВР, туку генерално на инситуциите, бидејќи тешко се обезбедува добар кадар, експерти од областа на информатичка технологија кои посакуваат да бидат во јавната и државата администрација.

„Со МПС направивме измена на Колективен договор, информатика и телекомуникации и сајбер форензиката, ја зголемивме платата за 30%, дали е тоа доволно, сигурно не, меѓутоа е помотивирачки”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски  ја искористи денешнава посета на Факултетот за безбедност  и  имаше чест да се обрати  на Свечената церемонија по повод промоцијата на дипломираните студенти од генерацијата 2022 година на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски“, на која што присуствуваа и проф. д-р Неделковски, ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, како и проф. д-р Дујовски, декан на Факултетот за безбедност. Министерот Спасовски во своето обраќање упати искрени честитки до сите дипломирани студенти на Факултетот за безбедност, што денеска и официјално го завршуваат делот од академскиот пат минат во оваа реномирана високообразовна институција, како и на професорите за создавањето на уште една квалитетна и стручна генерација академски граѓани кои ќе го најдат своето место во општествениот живот.  „Денеска, почитувани дипломци го крунисуватe сето она што макотрпно го стекнавте и градевте, а пак професорите, наставно научниот кадар  го заокружуваат циклусот на нивно оспособување – одговорно, зрело и подготвено да влезете во една нова фаза на животот во која гледано од  професионален аспект, ќе треба да го презентирате наученото и да го надградите стекнатото. Денешното формално заокружување на образовниот процес, само по себе го означува почетокот на практична имплементација на акумулираното знаење, вашата едукација и стручната оспособеност“, рече министерот Спасовски во своето обраќање пред дипломците.

Спасовски  ја потенцираше стратешката определба на  Министерството за внатрешни работи во изминативе неколку  години во однос на кадровското и стручното надградување како нужност без која што не се може. „Сите ние што на еден или друг начин ја третираме разнобразната сфера на безбедноста сме свесни дека ниту едно општество не може да се надева на успех  без следење и практично имплементирање на новите, современи, стручни сознанија, без континуирана образовна наградба на луѓето кои ја сочинуваат институцијата, но и без реална кооперативност меѓу институциите, вклучително и високообразовните како што е Факултетот за безбедност. Верувам дека многумина од вас почитувани дипломци ќе успеат да го препознаат и пронајдат своето место во општеството, притоа давајќи максимален професионален придонес како во име на сопствените стремежи, така и во име на потребата за брз и интензивен развој на нашата држава“ порача министерот Спасовски.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски им  посака успех и на професорите на Факултетот за безбедност со уверување  дека и во иднина оваа етаблирана високообразовна ќе продуцира кадри кои ќе бидат столбот на безбедноста во државата на кои сите ќе гледаат со професионална гордост.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни