Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им го ставил работниот однос во мирување на двајца вработени и целосно им ги одзел системските и администраторските привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја, откако Основното јавно обвинителство Штип повело постапка против нив.
Од Ректоратот соопштија дека мерките се преземени веднаш и ќе важат до целосно расветлување на случајот.
Според Универзитетот, проверката се однесува на ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување студенти. Оттаму уверуваат дека досиејата и евиденцијата на останатите студенти не се засегнати.
„Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи“, се наведува во соопштението.
Од УГД посочуваат дека електронскиот систем располага со дигитални механизми и записи што ги бележат сите интервенции, преку кои може да се утврди евентуална индивидуална одговорност.
Универзитетот најави целосна соработка со Обвинителството и со Министерството за внатрешни работи, но нема да дава дополнителни коментари за постапката додека таа трае.
Ректоратот ги повика студентите, професорите и вработените слободно и анонимно да пријавуваат сомнежи за евентуална злоупотреба на службената положба. Информациите за начинот на пријавување корупција се достапни на веб-страницата на УГД.