Македонија

Утре почнува проверката на кандидатите, по изборите нов Закон за надзор над безбедносните служби

Од утре почнува процесот на избор на двајца експерти кои ќе бидат ангажирани од Собраниската комисија за надзор над работата на безбедносните служби. На огласот се пријавиле седуммина експерти, но на утрешната седница на Комисијата најпрво ќе се изврши административна, а потоа и безбедносна проверка по што ќе следи и изборот на двајцата експерти.

Ова го изјави претседателот на Комисијата за надзор над работата на безбедносните служби Емил Димитриев по средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Договорено е и создавање услови за Комисијата согласно НАТО и европските стандарди, со инвестирање во таканаречена глува соба, регулирање на употребата и архивирање на класифицирани документи, но и дека законската регулатива за надзорот е многу општа и треба да се сконцентрира во едно законско решение.

„Дојдовме до констатација дека на Македонија е и потребен нов посебен закон за надзор на службите за безбедност. Јас веќе работам на тој закон и со почетокот на работата на Собранието по изборите ќе биде пуштен во собраниска процедура. Средбата ја искористивме и за да ја добиеме поддршката на Владата. Наша интенција е законот да биде изгласан со широко мнозинство“, изјави Емил Димитриев, претседател на комисијата за надзор.

Вицепремиерот Османи истакна дека реформата на безбедносните служби е една од клучните области кои одблиску се следат и од Европската комисија и од земјите членки.

„Се направија суштински реформи со воспоставување на ОТА, на законот за националната безбедносна агенција меѓутоа тој систем не би бил комплетен без соодветен надзор од страна на Собранието  меѓутоа и граѓанскиот надзор во смисла на советот за граѓански надзор. Тоа се двата столба која што ја комплетираат приказната за реформата на безбедносните служби“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Средбата меѓу Димитриев и Османи е дел од институционалните посети на вицепремиерот во пресрет на 19 март кога е закажан Советот за стабилизација и асоцијација кој треба да ја даде првата оценка за динамиката на спроведувањето на реформската агенда на земјава.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни