Северна Кореја утринава истрела три балистички ракети со краток дострел во морето источно од Корејскиот Полуостров, соопштија светските агенции, повикувајќи се на извештаи на јужнокорејската војска.
Тоа е уште еден невиден број ракетни тестови на Северна Кореја оваа година.
Во соопштението на јужнокорејскиот Генералштаб се наведува дека лансирањето на трите проектили било регистрирано од област во Северна Кореја, јужно од главниот град Пјонгјанг.
Се известува и дека Јужна Кореја го зголемила надзорот и ја одржува подготвеноста, во тесна соработка со САД.
Јапонското Министерство за одбрана исто така потврди во соопштение дека Северна Кореја истрелала балистички ракети.
Тоа беше втор ракетен тест на Северна Кореја во последните осум дена, само пет дена откако Јужна Кореја го обвини Пјонгјанг дека испратил пет беспилотни летала во јужнокорејскиот воздушен простор за прв пат од 2017 година.