На оваа улица нема пешачки премин, но сепак граѓаните постојано ја поминуваат улицата. Вчера на ова место 66 годишна жена беше удрена од автобус.
Вчера во 14:15, на булеварот „Христијан Карпош“ во скопски Чаир, автобус на ЈСП , управуван од лицето со иницијали С.С. (53) удри во жена со иницијали И.Џ (66), која веднаш била префрлена на Ургентниот центар и се здобила со тешки телесни повреди. Од МВР велат дека истрагата е во тек и дека се работи за расчистување на случајот.
На местото на настанот веднаш интервенирала докторката Ивона Петрушевска, која работи во близина. Освен на жртвата, таа вели дека му помагала и на возачот кој бил многу вознемирен.
Граѓаните зад камерата на ТВ21 велат дека ова не е прв пат да се случи сообраќајка на оваа улица. А истото го потврди и сведокот на настанот.
Од Ургентен центар, велат дека пациентката е на интензивна нега и дека е во стабилна здравствена состојба.
„Повредената пациентка во сообраќајната незгода има повреди на лицето, низа скршеници на ребрата, скршеници на неколку рбетни пршлени и пукнати карлични коски.“
Во 2018 година од вкупно 3622 сообраќајни незгоди, 133 лица го загубиле животот а повредени се 5.860 лица. Во текот на вчерашниот ден во Скопје имало седум сообраќајни незгоди,три лица се здобиле со тешки телесни повреди, а две со полесни повреди. СВР Скопје реализираше контролна акција во сообраќајот и констатираше дека 26 возачи на автомобили, возеле со поголема брзина од дозволената.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ