Македонија

ФФМ потврдува, „Гала Кујна“ демантира труење на 11 деца

11 деца и еден физиотерапевт од Фудбалската федерација на Македонија во четвртокот се пожалиле на стомачни тегоби, откако консумирале храна од „Гала-Кујна“ во Ново Лисиче. ФФМ веднаш ги испратила на испитувања. Од таму потврдуваат дека имало труење на деца кои биле дел од Фудбалската академија, и дека бактериолошките наоди покажале труење. Договорот со „Гала кујна“ веднаш бил раскинат, а ресторанот во Ново Лисиче затворен од Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Децата имаа ручек и вечера во ресторанот на „Галакујна“ на денот кога беа затруени, и веднаш од ФФМ беа испратени на испитувања. Ја потврдуваме таа информација – изјави портпаролот на ФФМ Златко Андоновски.

Игор Трајковски, сопственик на „Гала Кујна“,  во изјава за ТВ21 го демантира тврдењето на ФФМ. Се сомнева во кажувањата од федерацијата, и дополнува дека веднаш откако децата се пожалиле на тегоби, примероци од истата храна биле однесени во Центарот за јавно здравје. Наодите биле негативни.

– Во четвртокот децата имаа доручек макарони потпечени со сирење, и ручек телешки мускул и ориз. После ручекот се пожалија на болки во стомакот. Тоа се истите деца кои се жалеа и првиот пат, сега во Неуромедика. После општо испитување, Неуромедика дава резултат каде што има само мека столица и благи грчеви во стомакот, никаде нема труење. Доколку имаше труење, сите деца ќе беа хоспитализирани – изјави Трајковски. 

Тој веднаш ги однел примероците на анализа во Центарот за јавно здравје. Од таму добил одговор дека јадењето е негативно на бактерии. Трајковски вели ја тужи ФФМ за нарушен имиџ и углед на компанијата.

Гала Кујна и ФФМ соработуваа пет години. Сите деца кои се пожалиле на тегоби во четвртокот, сега се чувствуваат добро.

РЕПОРТЕР: ГОРАН БОШЕВ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни