Поминаа 30 дена, а причините за автобуската несреќа во која животот го загубија 15 лица се уште не се познати. Од Јавното обвинителство велат дека им треба повеќе време за расчистување на случајот. Воедно информираат дека случајот е во предистражна постапка и дека се работи за обезбедување на сите материјални и вербални докази за утврдување на фактичката состојба.
„До Основното јавно обвинителство Скопје пристигна вештиот наод и мислење од Машинскиот факултет во Скопје за техничката исправност на автобусот, како и вештиот наод на Електротехничкиот факултет за функционирањето на тахографот. Воедно, се очекува пристигнувањето на извештајот од сообраќајно-техничкото вештачење што го вршат стручни лица од Бирото за судски вештачења. Во оваа фаза од постапката, јавното обвинителство не е во можност да сподели со јавноста детали од исказите на сведоците дадени пред надлежниот јавен обвинител, како и од содржината на изготвените вештачења и другите прибрани материјални докази.“
Владиниот портпарол, Мухамет Хоџа, рече дека надлежните органи ја продолжуваат истрагата и дека наскоро ќе излезат со конкретни резултати.
„Надлежните органи ја продолжуваат истрагата за расчистување на случајот во целост и се надеваме дека наскоро МВР и надлежните органи наскоро ќе излезат со подетални информации во врска со истрагата и заклучокот од истрагата како и за наоѓање на виновникот или лицата кои влијаеле на овој случај.“, вели Хоџа.
Инаку, на 13 февруари, автобус на компанијата Дурмо Турс, полн со патници се преврте во близина на селото Ласкарци при што животот го загубија 15 лица, а десетици беа повредени. До сега 7 семејства на жртвите добиле ообештетување за несреќата.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ