Преговорите со ЕУ ќе бидат запрени и ќе го изгубиме моментумот за евроинтеграции ако до ноември не се направат уставни промени, затоа уште веднаш мора да почнат консултации и дебати со јавноста да се објаснат уставните промени, оценува шефот на дипломатијата Османи. Тој оцени и дека поддршка за уставните промени е можна доколку се раздвојат партиските од државните интереси.
Приоритети на македонското претседавање со ОБСЕ под мотото „Се работи за луѓето“ се Украина и враќање на теренската мисија таму, справување со енергетската и економската криза, враќање кон принципите на организацијата и постигнување консензус за буџетот и избор на секретари на ОДИХР, за малцинства и за медиуми, како и владеење на правото и борба со корупцијата, жените во конфликтот и родовата еднаквост, животната средина и климатските промени.
Османи најави дека претседавањето ќе нè чини 5 милиони евра, ќе треба да се доизгради салата „Борис Трајковски“ за конференции. За 100 илјади евра била најмена фирма за промоција на активностите.
Османи објави дека има 69 носители на М-карта, кои се избрани на предлог од дипломатските претставништва поради приближување на успешните македонски државјани од дијаспората со татковината.
Ирина Гелевска