Три куќи биле зафатени од пожарот што попладнево избувна зад Бит Пазар во Скопје. По интервенцијата на противпожарните екипи, огнот е ставен под контрола, а во моментов се работи на расчистување на опожарените делови.
Командантот на Противпожарната единица на Град Скопје, Звонко Томески, информира дека пожарот започнал на покривната конструкција на една двокатна куќа, а поради малото растојание меѓу објектите се проширил и кон две соседни куќи.
Во акцијата за гаснење учествувале девет противпожарни возила и вкупно 22 пожарникари, кои успеале да го стават пожарот под контрола.
Надлежните допрва ќе го утврдуваат обемот на материјалната штета предизвикана од пожарот.