Претседателот на Собранието, Талат Џафери, реагираше околу одбивањето на Претседателот Ѓорге Иванов, да потпише 15 закони. Џафери вели дека се вратени 12 закони изгласани со просто мнозинство и три закони со двотретинско мнозинство.
Џафери не ја исклучува можноста Собранието да свика седница пред први април, ден кога почнува изборната кампања.
„Оваа состојба не значи неопходна потреба, Собранието да работи и во април за време на изборниот процес, односно предизборната кампања. Поради потребата за повторното враќање на законите на трето разгледување, обврска е да се вратат во рок од 30 дена од денот на нивното усвојување. Не може да се прејудицира дека процесот на прегласувањето на законите ќе заврши за еден ден“, рече на прес конференција Талат Џафери – претседател на Собранието на РСМ.
Инаку, шефот на државата Ѓорге Иванов, во писмото испратено до собранискиот спикер, вели дека нема да ги потпише законите со новото име на државата Република Северна Македонија што ги носи Собранието, тврдејќи дека делува согласно Уставот. На ова, реагираше претседателот на Владата, Зоран Заев.
Инаку, Иванов претходно не го потпиша ниту Преспанскиот договор, ниту пак Законот за употреба на јазиците, кои во Службен весник беа објавени само со потписот на претседателот на Собранието Талат Џафери.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ