Седмиот шестмесечен извештај на СЈО за периодот 15- ти септември 2018 година до 15-ти март 2019 година ги опфаќа податоците за донесени пресуди, покренати истраги, но и потрошени средства.
Како што се вели во извештајот, во овој период донесени се пресуди против вкупно 3 лица во 2 предмети.
„Пресудите ја потврдуваат оправданоста на поднесените обвиненија во смисла на кривичните дела кои им се ставаа на товар на обвинетите. Исто така, во овој извештаен период важно е да се потенцира поднесувањето на две обвиненија во предметите ТАЛИР и ТАЛИР2“, се вели во шестмесечен извештај на СЈО.
Едно од обележјата на седмиот извештаен период е отварањето на 8 нови финансиски истраги за кои постои основано сомнение дека преку извршените кривични дела е предизвикана финансиска штета на Буџетот во износ од речиси 92 милиони евра.
Во текот на извештајниот период отворени се предистражни постапки за 81 предмет. Од нив 14 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 67 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители.
Јавно обвинителство отвори 8 нови истражни постапки, против вкупно 64 физички лица.
„Во овој период во рамки на отворените истражни постапки до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесени се вкупно 12 предлози за определување на мерка притвор во 4 предмети, постапувајќи по кои од страна на судот уважени се вкупно 9, а одбиени се 3 предлози за определување на мерка притвор“, се вели во шест месечниот извештај на СЈО.
Од одобрените средства за 2018 година во периодот од 15 септември до 31 декември истата година потрошени се 76,4 милиони денари или искористените средства се 33,43 отсто.
Вкупната реализација на одобрениот буџет за 2018 година, изнесува 195.3 милиони денари. Во 2019 година реализирани се 16,25 отсто од вкупниот буџет кој изнесува 228,6 милиони денари. Од 606 555 аудио фајлови со кои располага СЈО, заклучно со извештајниот период, преслушана и анализирана е содржината на 582 293 аудио фајлови, односно како што велат од обвинителството обработката е 96 отсто.