Во 2022 година во Русија се продадени 626.300 нови возила, 59 отсто помалку од претходната година и најмалку во последните неколку децении, ги цитира новинската агенција Интерфакс резултатите од истражувањето на специјализираната консултантска компанија Autostat. Од почетокот на руската инвазија на Украина, западните автомобилски компании го прекинаа производството во Русија, па домашните и кинеските возила главно се продаваа на рускиот пазар.
Од Русија се повлекоа и германските „Фолксваген“ (ВВ), „БМВ“ и „Мерцедес“, јави агенцијата dpa, наведувајќи дека фабриката на Мерцедес во московскиот регион била отворена само три години порано и дека на церемонијата на отворање присуствувал и рускиот претседател Владимир Путин.
Западните санкции
Податоците на Autostat покажуваат дека рускиот автомобилски пазар е далеку од врвот забележан во 2008 година, кога беа продадени речиси три милиони возила. Во тоа време, дури се шпекулираше дека Русија ќе ја смени Германија од позицијата на најважниот европски пазар на автомобили, според dpa.
Продажбата потоа беше запрена поради глобалната финансиска криза и западните санкции против Москва поради анексијата на Крим во 2014 година, потсетува агенцијата.