Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети Канада во март, пренесе АФП, повикувајќи се на изјава на Белата куќа објавена денеска по билатералната средба меѓу Бајден и канадскиот премиер Џастин Трудо во главниот град на Мексико.
На средбата, претседателот рече дека со нетрпение ја очекува неговата посета, истакна Белата куќа.
Ова ќе биде прва посета на американскиот претседател на Канада од почетокот на неговиот мандат во јануари 2021 година, потсетува АФП.
Бајден и Трудо се сретнаа во Мексико Сити пред „Десеттиот самит на северноамериканските лидери“ закажан за подоцна во текот на денот, вклучувајќи го и мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
„Претседателот Бајден му се заблагодари на премиерот Трудо за ангажманот на Канада во обезбедувањето безбедносна, економска и хуманитарна помош за Украина“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Двајцата разговараа и за безбедносната и хуманитарната ситуација во Хаити, земја од која многу мигранти се обидуваат да стигнат до САД, минувајќи низ Мексико.
„Двајцата лидери се обврзаа да продолжат да се договараат со нивните партнери за Советот за безбедност на ОН за следните чекори за поддршка на стабилноста на Хаити, вклучително и поддршка за националната полиција на Хаити“, се додава во соопштението.
На почетокот на самитот во Мексико, Бајден и Трудо ветија „храбри чекори за борба против климатските промени и да ја направат Северна Америка двигател на чиста енергија“.
Тие го опишаа сегашниот момент како „уникатен за зајакнување на синџирот на снабдување со стратешки метали, електрични возила и полупроводници“.
Едвај на функцијата, во февруари 2021 година, Бајден организираше виртуелна средба со Трудо. „Соединетите Држави немаат поблизок пријател од Канада. Ова е и причината зошто прво ве повикав како претседател и со вас е мојата прва билатерална средба“, рече тогаш Бајден.