Полициски единици влегоа во западногерманското село Луцерат во обид да ги избркаат забарикадираните еко-активисти кои сакаат да го спречат неговото уништување во врска со проширувањето на рудникот за јаглен Гарцвајлер, објавија Асошиетед прес.
„Можете сега да ја напуштите областа без никакви дополнителни последици“, рекоа органите на редот преку разглас, јави ДПА. „Бидете мирни и не прибегнувајте кон насилство“, повика полицијата на Твитер.
Германскиот Ен Те Фау објави дека забарикадираните еко-активисти броеле околу 300 и дека ја гаѓале полицијата со камења и пукале со пиротехнички средства.
Минатата година, енергетскиот гигант Ер Ве Е склучи договор со локалната власт со кој се дозволи да се уништи селото во замена за прекин на употребата на јаглен до 2030 година, наместо до 2038 година.
Жителите на Луцерат одамна го напуштија и земјиштето сега е во сопственост на Ер Ве Е. Сепак, неколку згради останаа окупирани од еко-активисти со месеци, а бројот на демонстранти нагло се зголеми во последните недели.
Владата и EW тврдат дека нивните постапки се мотивирани од потребата да се обезбеди енергетска безбедност на Германија.
Според еколошките активисти, сепак, договорот за проширување на огромниот отворен рудник Гарцвајлер е во спротивност со меѓународните обврски на Германија за намалување на емисиите на стакленички гасови. Тие исто така истакнуваат дека постојат студии кои фрлаат сомнеж за потребата од јаглен под Луцерн.
Вчера, демонстрантите одбија да ја почитуваат судската наредба, која предвидува дека ќе им биде забранет пристапот до областа. Некои од нив ископале ровови и изградиле барикади за да спречат тешка механизација да стигне до селото пред полицијата насилно да ги врати назад.