Русија денеска ја обвини Ерменија за прекин на мировните преговори со Азербејџан за спорниот регион Нагорно Карабах, објави Ројтерс.
Тоа е уште еден знак на триење меѓу сојузниците Москва и Ереван предизвикани од конфликтот. Ерменија и Азербејџан со месеци водат разговори за мировен договор за Нагорно-Карабах – енклава која е меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но е населена главно со Ерменци.
Во изминатиот месец, Азербејџанците кои тврдат дека се екологисти го блокираа транспортот на единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија. Ереван тврди дека тоа е блокада поддржана од владата. Баку вели дека демонстрантите имаат легитимна загриженост предизвикана од нелегалните ерменски рударски активности и негира дека регионот е под блокада.
Русија денеска ја обвини Ерменија дека ги откажала мировните преговори меѓу двете земји и го повика Ереван да се врати на преговарачка маса. „Тешко е да се процени позицијата на Ереван, бидејќи нивните официјални изјави се разликуваат толку значително“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа рече дека одлуката на Ереван да се повлече од мировните разговори закажани за минатиот декември во Москва спречила да се разговара за мировен договор.
„Ако нашите ерменски партнери се навистина заинтересирани за решавање на овие проблеми… тогаш наместо да се занимаваме со схоластика, треба да продолжиме да работиме заедно“, додаде таа.
Официјални лица во Ереван изразија зголемен гнев поради тоа што Русија, која формално е сојузник на земјата преку договор за заемна одбрана, не прави повеќе за да ја прекине блокадата. Според мировниот договор потпишан во 2020 година, Русија распореди мировен контингент во регионот, а Азербејџан се согласи да обезбеди слободно движење по коридорот Лачин, кој ја поврзува Ерменија со Нагорно-Карабах. Ерменија тврди дека Азербејџан не го спроведува договорот и сака руските мировници да направат повеќе за да ги отстранат демонстрантите. Москва вели дека прави се што може за да помогне.